Уставниот суд денеска на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од ДКСК, Дарко Костадиновски, нагласи дека денеска апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.
– Круцијален момент за одлука на судот е тоа каква е општествената реалност денеска. Дали таа ја има исполнето својата цел, според мене да правичната и соодветна застапеност ја има постигнато својата цел. Ова го зборувам од призма што откако ќе ја исполни својата цел, го повредува принципот на компетентност, рече Костадиновски.
Костадиновски, исто така, нагласи дека „апсолутно е факт дека примената не е наша надлежност“, меѓутоа, како што рече „некои општествени појави имаат релевантност за нас и за ние да донесеме одлука“.
– Ниту даваме, ниту укинуваме некои права. Не е наше да го учиме законодавецот како да операционализира некое уставно право. Наше право е да видиме како го операционализира и како се применува. Со оспорените одредби не се држи до уставната рамка… Клучно е да одлучиме дали оспорените одредби се согласно Устав, а на законодавецот е да најде начин да го операционализација тоа. Ако темелната вредност е во Уставот, како ние сме го укинале. Не сме укинале ничии права, изјави Костадиновски.
Националноста, според Костадиновски, е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот и потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност.
Најповикан орган да рефлектира правна сигурност, рече Костадиновски е Уставниот суд и посочи дека афирмативната акција ја укинува американското општество, кое, како што рече, е многу покомплексно и диверзифицирано општество, врз основа на истите основи и принципи кои ги содржи и неговио реферат по овој предмет.
– Апсолутно не гледам причина општеството да трепери од нашата одлука. Ниту земаме, ниту даваме нечие право. Не верувам ниту дека ќе создаде правен вакум. Факт е дека овие алатки ја помагаат примената на овие уставни норми и законодавецот уште утре може да седне и донесе насоки за нивна примена. Не сме ние повикани да кажеме што треба да работи, ние можеме само да дадеме насоки каде треба да се движи, порача Костадиновски.
По сопствена иницијатива, Костадиновски му предлужи на судот да поведе и постапка и за регистарот, балансерот и носењето годишни планови за вработување во јавната аднимистрација.
– Сите знаеме во каква реалност живееме. Знаеме каков е квалитетот на услугите и довербата на граѓаните во државниот апарат и јавниот сектор. Ако сме искрени ќе признаеме дека барем во еден сегмент и овие оспорени одредби сметаме дека имаат удел во таа наша реалност. Сето ова го кажувам со надеж дека нема да биде погрешно разбран, изјави Костадиновски.
Уставниот судија Осман Кадриу, рече дека станува збор за едно „чувствително прашање од национална природа за припадноста на немнозинските заедници“ и во своето излагање издвои четири, според него, неспорни факти и неколку спорни наводи на кои даде свое мислење.
– Неспорни факти се: Прво, правото на национална припадност како елемент на правична застапеност. Второ, не е спорно дека во практиката имало злоупотреба на примената на оваа одредба од поединци и органи. Трето, дека сите овие злоупотреби треба да се третираат индивидуално и четврто, дека во сите овие инцидентни злоупотреби затаила одговорноста, изјави Кадриу.
Како спорни факти, Кадиру ги посочи тоа што националната припадност како елемент на правична застапеност на немнозинските заедници својата основа ја има во уставниот амандман 6 донесен во склоп на амандманите 4-18 како резултат на Охридскиот рамковен договор.
-Со овој амандман се воведува значајна темелна вредност – се гарантира правилна застапеност на сите заедници во сите институции и на сите нивоа. Второ, иако за мене не е спорно, но да го елаборирам како такво. Со синтагмата национална припадност не се суспендира никогаш апсолутно законските услови за вработување за конкретно работно место и не се елиминира мерите системот. Не само што не се суспендираа овие вредности, туку треба да се почитуваат, затоа што актот на засновање работен однос секогаш подлежи на ништовност, изајви Кадриу.
Третта околност, посочи Кадиру, е тоа како гледаат меѓународните договори и конвенции на важното прашање на националната припадност.
– Во ниту еден од нив нема ниту една одредба со која се забранува правото на граѓаните за изразување на националната припадност. Напротив се подржуваат и промовираат, изјави тој.
Според Кадриу, во конкретниот случај се поаѓа од констатација дека одредбите за националната припадност и правична застапеност во администрација се противуставни, меѓутоа, како што посочи, како тогаш „националната припадност и правилна застапеност и те како се применуваат во останатите органи“, како што е случајот при изборот на судиите, обвинители, народен правобранител … каде „таа уставна одредба се почитува и беспрекорно се применува“.
-Ние тројца сме избрани со Бадентер, но клучен елемент за нашиот избор беше нашата национална припадност. Затоа го поставувам прашањето, ако е противуставен тогаш зошто не се проширува и на овие одредби. Затоа е контрадикторен, изјави Кадриу.
Ако се усвои иницијативата, според Кадриу, ќе се суспендира самото право на сите немнозинските заедници и „граѓаните ќе губат право и трпат штета на своите уставно загарантирани права“.
-Застапеноста на помалите национални заедници е загрижувачка и ги нема. Замислете ако се укине правото, тек тогаш ќе немаме никаква застапеност и правата на немнозинаките заедници ќе бидат укинати. Мора да констатирам дека ако тоа се случува и донесе одлука на штета на немнозинските задници ќе бидеме донесени како суд во една мошне штетна состојба за односите меѓу заедниците во државата, изјави Кадриу.