Уставниот совет на Франција ја одобри пензиската реформа на Макрон

Уставниот совет на Франција денеска го одобри главниот дел од планот за пензиски реформи, вклучувајќи го и контроверзното зголемување на старосната граница, еден од главните проекти од вториот мандат на францускиот претседател Емануел Макрон, против кој синдикатите, опозицијата и демонстрантите протестираат со месеци.

Членовите на Уставниот совет цензурираа низа помалку важни аспекти од реформата, но не ја отфрлија главната мерка, со која старосната граница за пензионирање беше поместена од 62 на 64 години, се вели во соопштението на Советот, а пренесува Франс прес.

Според прописите, Макрон може да го објави законот во рок од 15 дена.

Одлуката најверојатно ќе ги налути синдикатите и другите противници на пензискиот план, вклучително и демонстрантите собрани на неколку места низ Франција, според АП.

Лидерот на радикалната левица рече дека „борбата продолжува“ против пензиската реформа.

Во март, владата ги искористи специјалните уставни овластувања за да ги поттикне пензиските реформи без гласање во парламентот.

Поради реформата, од јануари беа организирани масовни протести во 12 одделни денови.

Владата на претседателот Емануел Макрон вели дека промените се неопходни за да се спречи колапс на пензискиот систем.