Уставен суд ја отфрли иницијативата на Милошоски за нарачаната лустрација

Уставниот суд денеска го отфрли барањето на Антонијо Милошоски кој сметаше дека обвинението против него за случајот Моќник е поднесено од политички причини бидејќи е во опозиција.

Милошоски бараше Уставниот суд да го процени неговото барање за заштита на слободи и права во однос на обвинението. Уставниот суд пак оцени дека „обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот“.

Обвинието според Уставниот суд е поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка.

Во случајот „Моќник“ покрај пратеникот Милошоски, обвинет е и неговиот татко и поранешниот претседател на Лустрациската комисија, Томе Аџиев.

„Моќник“ е предмет на СЈО кој е отворен по таканаречените бомби, а се однесува на злоупотреби со барање на Милошоски за лустрација на судија од Кичево, како и за имот кој го купил неговиот татко со повеќе одлуки на општина Македонски Брод.