Уставниот суд пресече – нема впишување на националност во изводите, се до конечната одлука на судот. Од граѓаните не смее да се бараат податоци за националноста за впишување во личните документи.
– Во следниот период Уставниот суд ќе оценува дали е уставно, покрај наведените лични податоци, како што се името, презимето, податоците за раѓање и живеалиште, граѓаните да ја наведуваат и својата националност во матичните книги за родените, венчаните и умрените лица. Според судот, припадноста кон одредена нација е приватно и внатрешно чувство на секој поединец и е негово право да одлучи дали ќе биде припадник на одредена нација, дали ќе се изјасни за сопствената националност, но и да се повика на правото да не се изјаснува за ова. Токму поради тоа е поведена постапката. – изјави Христина Беловска портпарол на Уставен суд.
Од министерството за правда, денеска не ја коментираат мерката на Уставен суд. Испратија само кратко соопштение кое се однесува на 20те иницијативи кои Лога ги поднесе, за поведување на постапки за оценување на уставноста.
– Уставниот суд донесе уште две одлуки за укинување на Правилник и Решение за кои од страна на судот беше оценето дека е пречекорен уставниот рок за објавување во Службен весник, а кои беа оспорени со иницијативи поднесени од страна на министерот за правда Кренар Лога. Со овие одлуки на Уставниот суд, бројот на укинати Правилници за кои беа поднесени 20 иницијативи се зголеми на вкупно 5 Правилници и 1 Решение, односно вкупно 6 прописи кои беа оспорени и за кои од страна на судот е “оценето дека е пречекорен уставниот рок за објавување предвиден во член 52 од Уставот”. – велат од Министерството за правда.
Инаку оваа графа за националност, беше воведена со одлука на министерот за правда Кренар Лога, на 29 мај годинава. Тој тогаш објави и упатство за матичните служби врз основа на закон од 95-та година, кој пак беше оспорен пред Уставен суд од Левица. Во месец јули Судот времено го стопираше ова упатство, бидејќи бил пречекорен рокот за објавување во Службениот весник.
Испровоциран од епизодата со етничката графа во личните документи, Лога поднесе 20 иницијативи до Уставен суд за поведување на постапки за оценување на уставноста.