Уставен не поведе постапка за владината одлука за намален број советници во дел од општините

Владината одлука се најде пред уставните судии откако беа поднесени три иницијативи за оспорување на одлуката, и тоа од пратеникот Скендер Реџепи кој е дел од „Европски фронт“, пратеничка група предводена од ДУИ, од Ќенан Алија, како и од пратениците Сали Мурати и Блерим Беџети, исто така, од „Европскиот фронт“.

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за Одлуката со која Владата го намали бројот на советници во одредени општини.

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судијата Добрила Кацарска по завршување на 20. седница одржаа прес-конференција на која одговараа на прашања поврзани со Одлуката за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Македонија, донесена од Владата, и тоа за член 11 и зборовите во делот „и притоа за поддршка на истата на пропишан образец да бидат потпишани најмалку два избирачи“, член 12, член 20 став 1 алинеја 1 и член 22 став 9 од Упатството за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за локални избори.

Добрила Кацарска, која е судија известител за првиот предмет, на денешната прес конференција извести дека Уставниот суд со мнозинство гласови одлучил да не се поведе постапка за Одлуката со која Владата го намали бројот на советници во одредени општини.

Владината одлука се најде пред уставните судии откако беа поднесени три иницијативи за оспорување на одлуката, и тоа од пратеникот Скендер Реџепи кој е дел од „Европски фронт“, пратеничка група предводена од ДУИ, од Ќенан Алија, како и од пратениците Сали Мурати и Блерим Беџети, исто така, од „Европскиот фронт“.

Според судијката Кацарска, неколку аспекти се битни за донесената одлука.

,,Најнапред околу надлежноста на Владата, поточно дали Владата има надлежност да донесе ваква одлука. Апсолутно Владата е единствениот орган којшто може да ја донесе оваа одлука, а надлежноста ја црпи од член 91 од Уставот алинеја 1 бидејќи таа е надлежна за извршувањето на законите. Воедно надлежноста произлегува од член 63 став 3 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Околу тоа извршување на законите нема кој друг да е надлежен освен самата Влада“, рече Кацарска.

Според неа, Законот за локална самоуправа е многу јасен, бидејќи во него се говори за бројот на советници.

,,Бројот на советници во општините не може да биде помал од девет ниту поголем од 33. Во овој член 34 точно е даден распонот на жители од кој што зависи и бројот на советници. Ако се земе предвид целокупниот Закон за локална самоуправа ќе се утврди дека во целиот Закон се употребува терминот „жители“. Значи зборуваме за локални избори, не за парламентарни избори или за избор на претседател на Република Северна Македонија. Заради операционализација на оваа одредба 34 од Законот за локална самоуправа, Владата врз основа на член 36 став 3 ја носи оваа одлука за бројот на советници“, додаде Кацарска.