
Љупчо Горгиевски, претседателот на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола е осуден на една година условна казна затвор. За него има услов од две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контороверзниот лидер на ВМРО, Иван Михајлов.
Веста за одлуката на Основниот суд Битола, ја објави лично Горгиевски на Фејсбук страната на културниот клуб „Иван Михајлов“ Битола и пишува дека не можат да го гонат за „совеста“. За ваква пресуда со условна осуда поддржувачите на Горгиевски се надеваа уште по завршните зборови во неформален разговор со новинарите.
Според она што го објави Горгиевски, одлуката е донесена вчера и како што наведува – „Судот во Република Северна Македонија ми осуди казна од 1 година затвор, условна, со 2 години условна казна. Оваа реченица нема законски товар за мене – има симболична вредност. Ова е политичка порака насочена не против моето лично име, туку против бугарската самосвест во Македонија.“
Горгиевски наведува –„ Мојата единствена ‘грешка’ е тоа што отворено се идентификувам како Бугарин, што го почитувам случајот со Иван Михајлов… Државата може да изрече казни, но не може да ја гони совеста“,
На 21 мај, во Основниот суд во Битола заврши двегодишниот судски процес против битолчанецот Љупчо Горгиевски, претседател на згаснатиот бугарски клуб во Битола. Судењето го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем, или народски кажано за величење на ликот и делото на контроверзниот водач на ВМРО (организација која постоеше од 1919 до 1934 година) – Иван Михајлов, како историска личност.
Обвинетиот Љупчо Горгиевски во текот на судењето кажа дека е Бугарин, со два пасоша, македонски и бугарски, и досега не е осудуван; семеен човек. Тој рече дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари. Пред завршните зборува како сведок, во полза на обвинетиот сведочеше екс-премиерот Љупчо Георгиевски со поддршка на „ванчомихајловизмот“.
Во пресрет на пресудата на Основниот суд во Битола, Mинистерството за надворешни работи на Бугарија објави соопштение до јавноста во кое порача дека овој случај за Бугарија е пресвртница за рамноправноста на Бугарите во Македонија и предупреди дека очекува фер пресуда.
Бугарското МНР во реакцијата уште напиша дека „На властите во Скопјe постојано им се обрнува внимание дека овој случај е пресвртница за Бугарија во однос на нивната подготвеност да ја гарантираат рамноправноста на Бугарите и да ги решат проблемите со кои се соочуваат“.
Обвинението против Горгиевски го застапуваше обвинителката Оливера Нечаковска, таа пред судот побара осудителна пресуда со соодветна санкција.
Нечаковска рече дека под превезот на наводна слобода на говор и изразување, претседателот на здружението „Иван Михајлов“ Битола и како администратор на веб-страницата на овој клуб активно поттикнувал и разгорувал омраза и нетрпеливост спрема припадниците на еврејската заедница во Македонија, а особено спрема припадниците на македонскиот народ, чија што посебност континуирано ја негирал преку објавите.
„Мислењето на Институт за национална историја на Македонија бр. 02-242.2 од 31.08.2022 во однос на Ванчо Михајлов е јасно и недвосмислено – Ванчо Михајлов е негативен лик во македонската и европската историја и со пропагирање на ликот, делото и идеите на Ванчо Михајлов всушност се пропагираат неговите наредби за физички ликвидации, соработка со фашистичката и нацистичката идеологија како и неговото негирање на посебноста на македонскиот народ“, рече Нечаковска во завршните зборови.
За Софија условната казна за Љупчо Георгиевски е „категорично неприфатлива“
За официјална Софија никаква друга пресуда освен ослободитела не е прифатлива во процесот на Љупчо Георгиевски, претседател на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола. Условната казна што ја изрече судот во Битола за бугарското Министерство за надворешни работи е „категорично неприфатлива“.
Во соопштението бугарското МНР се вели: „Георгиевски е еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Република Северна Македонија, претседател на Културниот клуб ‘Иван Михајлов’ – Битола, кој беше затворен од властите во Скопјe, и бугарски државјанин.
Апсолутно е неприфатливо во земја која тврди дека е пример за функционална мултиетничка демократија, отвореното декларирање на припадност кон бугарскиот народ, почитувањето на бугарските национални симболи и херои и ширењето на автентична бугарска литература да бидат казнети со закана од затвор.
Несомнено е дека пристапот на властите во Северна Македонија, заедно со намерното создавање атмосфера на нетолеранција преку постојана антибугарска реторика, има за цел да всади страв од остварување на правото на слободно самоопределување, да ја маргинализира и стигматизира бугарската заедница“, се вели во соопштението.
Во него уште се нагласува дека кршењето на правата на Бугарите во Македонија е факт што не може да се негира. „Денешната судска одлука против г. Георгиевски е уште една потврда за практичното одбивање на властите кај нашиот југозападен сосед да ги гарантираат основните права на оваа група свои граѓани. Напротив – наместо да ги заштити, судскиот систем активно се користи против нив. Ова е исто така јасен доказ за проблемите што јасно ги идентификува ЕУ со независноста, професионализмот, ефикасноста и непристрасноста на судскиот систем во Северна Македонија.
Сепак, пристапот на институционално заплашување не може да го замолчи гласот на македонските Бугари и нивната легитимна аспирација да ги гарантираат своите права како полноправни граѓани на Северна Македонија во духот на европските вредности и достигнувања.
Бугарските институции остануваат непоколебливо посветени на гарантирањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, вклучително и користењето на сите меѓународни механизми во областа на човековите права“, вели МНР од Софија
Љупчо Горгиевски, претседателот на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола беше осуден на една година условна казна затвор. За него има услов од две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контороверзниот лидер на ВМРО, Иван Михајлов.