Урошевиќ: Себичноста е опасна, секој се повлекува во себе – тука ја гледам опасноста на иднината!
Поет, романсиер, критичар, есеист, универзитетски професор, академик, активен во деветтата деценија. Добитник за „Роман на годината“, академик Влада Урошевиќ гостин во најновото издание на Трилинг.
Седми роман за Урошевиќ, трет писател по Конески и Матески кој е дел од Струшките вечери на поезијата.
„Себеси се чувствувам како поет, може да се рече дека мене во поезијата ме контролира еден прозаист, кој внимава на поврзаност меѓу нештата. Сигурно дека пишувам нешто што може да се нарече поетска проза“ вели Урошевиќ.
Во наградениот роман, Урошевиќ вели дека е иселуван седумпати. На прашање во какво време живееме ние во оваа држава ќе рече:
„Во мојата ненапишана автобиографија има седум куќи кои сум морал да ги напуштам. Денес добро е што живееме во помирни времиња, но очигледно е дека има битни промени кои можат да го вознемират секој граѓанин на Македонија. Сето тоа е предизвик. И тие оспорувања на македонскиот идентитет, сето тоа носи опасност, предизвици, носи искушенија. Живееме во свет кој постојано се менува, не знаеме во каква насока се менува светот“.
Академикот смета дека „сигурно е дека овие промени последните децении, носат промени и во моралот. Почнува да се губи одговорноста, доследноста кон ставовите. Многу работи стануваат многу релативни и се уште не постои морал на нашето време, станува подифузна неговата логика. Една од опасностите е себичноста. Секој почнува да се повлекува во себе и се помалку да учествува во јавниот живот. Тука ја гледам опасноста на иднината“.
За отуѓеноста на македонскиот човек, дали станавме граѓани кои функционираат едни спроти други, тој вели:
„Ме загрижува огромната поделеност на нашето општество. Не само што етничките заедници не функционираат меѓу себе, се повеќе си ставаат рамки. Друго е што сето тоа се претвора во живот во кој секому му доаѓа прво мисла како ќе ми биде мене, општеството мора да најде обединувачка точка“.
Урошевиќ смета дека „во политиката е добро да постои власт и опозиција, тие две страни да не се согласуваат. Но, мислам дека кај нас се претерува во тоа, борбата се претвара во низа лични омрази, се делиме во приватниот живот. Бесмислено е. Тоа е политизација на приватниот живот. Не е се политика, кон тие прашања мора да се пристапи поладнокрвно“.