Управниот суд пресуди дека поранешниот претседател и сегашен член на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски ја дискриминирал обвинителката Ленче Ристоска.
Денеска Судот ја одби неговата тужба како неоснована и го прифати мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, па сега Јолевски ќе може да се жали пред Вишиот управен суд.
Паралелно со оваа постапка против Јолевски е поднесено барање до прекршочниот оддел во Кривичниот суд за да плати глоба затоа што не се извини иако Комисијата утврди дека ја дискриминал Ристоска затоа што била на породилно отсуство при изборот на обвинители во Вишото јавно обвинителство, кога таа по втор пат не беше унапредена.
Минатиот месец Јолевски и Ристоска се соочија пред Управниот суд откако тој не ја прифати одлуката на Комисијата и поднесе тужба до Управниот суд. Не сакаше јавно да се извини и тврдеше дека не ја дискриминирал обвинителката.
Неговата теза е дека Ристоска не била унапредна затоа што тогашниот републички Јавен обвинител не доставил извештај за нејзината работа иако членовите на Советот на јавни обвинители побарале ваков извештај за да извршат оценување.
– Пресудни беа извештајите за работа. Породилното отсуство беше споменато во контекст на немањето на извештаји. Изјавата беше извадена од контекст и погрешно сфатена. Ми е жал што немаше извештаји за работа за да одат во прилог на унапредувањето. Изнесував факти што постојат. Таман работа да е проблем породилното отсуство. Да има деца во оваа држава оти наталитетот ни е во опаѓање. Јас за неа гласав во 2021, рече Јолевски на рочиштето.
Ристоска не се откажа за да докаже дека била дискриминирана само затоа што е на породилно отсуство. Побара одговорност за дискирминацијата и смета дека Јолевски сака да избегне одговорност.
– Според мене важно е да постои одговорност за случаи на дискриминација на жени на работно место бидејќи жените не мора да ги загушуваат амбициите заради возраста, ниту пак да бираат дали ќе бидат мајки или ќе имаат успешна кариера. Сметам дека ваквите мислења на Комисијата и одговорот на правосудниот систем се најефикасната алатка за борба на општеството против антидискриминаторските политики, порача таа.