Управен Суд за разрешување на Дамева: Нејасно и незаконски поткрепено

Разрешувањето на претседателката на Судски е нејасно, ниту законски поткрепено. Вака Управниот суд ја образложил одлуката со која се прифаќа тужбата на Дамева и одлучува дека таа треба да се врати на чело на советот. Судот ги анализирал сите записници од седниците, ама не можел да најде објаснување зошто Судскиот совет гласал недоверба за Дамева.

„Одлуката е нејасна, односно Судски совет не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува претседателот, ниту пак ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба. Судски наведува дека со мнозинство на гласови на членовите со право на глас, била изгласана недоверба на Дамева како претседател по што била и донесена одлука за нејзино разрешување, меѓутоа, не се наведени причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата на тужителот не биле земени во предвид“, пишува во одлуката на Управен.

За управниот суд е нејасно и кој закон Судски го применил при разрешувањето. Потсетуваат дека Законот за Судски совет прецизно утврдил како член на советот се повикува на одговорност.

„Во членот 36 од Закон за Судски совет, такстативно е наведена надлежноста на советот, меѓу кои, советот одлулува и за дисциплинска одговност за член на советот, но никаде не е наведено дека истиот има надлежност да одлучува за изгласување недоверба на претседателот, ниту за постапка за утврдување негова одговорност“, образложува Управниот суд.

Пресудата на Управен, Весна Дамева ја враќа на претседателската позиција во Судски. Засега е нејасно кога и како советот ќе ја спроведе одлуката.

„Судскиот совет се уште не ја добил пресудата. Откако ќе ја добие, ќе ја разгледа и потоа ќе биде ставена на седница. Во зависност од тоа што ќе содржи во неа, ќе се постапи во законскиот рок“, велат од Судскиот совет.

Ден по одлуката на Управниот суд, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повика членовите на Судски да си поднесат оставки.. Велат никогаш не било полошо, а виновник за хаосот гледаат кај власта.

Дамева беше разрешена во април по барање на тогашниот нејзин заменик со тврдење дека таа ги нарушила меѓучовечките односи во советот.