
Членовите на Синдикатот пред ФЗО побараа да не им се намалат платите за 21%.
Тие ги чекаат резултатите од продолжувањето на седницата на Управниот одбор, каде ќе се одлучи по тоа прашање. Седницата почна на 4 јануари.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека Владата нема надлежност да побара намалување на платите на вработените во ФЗО бидејќи станува збор за независна институција.
Инаку доколку Управниот одбор на ФЗО одлучи за намалување на платите на вработените, тие ќе стапат во штрајк и на шалтер ќе работи по едно лице кое ќе ги прима документите и ќе нема капитација за матичните лекари како и други услуги.
„Имаме доктори, инспектори, фармацевти кои земаат плата од 25 до 27 илјади денари. Тоа е под секое човечко достоинство. Да бидам гласен и јасен, ова барање е од министерот за финансии, Фатмир Бесими. Тој побара, Владата го поддржа да се намалат платите за 21%. Не знам кај ќе му оди душата на тој човек“ – вели Деаноски.
Буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари. Од него за плати на вработените се издвојува околу 1%.