Најголемата група на Европскиот парламент изрази загриженост поради можни ризици од шпионажа што произлегуваат од неодамнешната одлука на Унгарија да ги олесни визните правила за руските и белоруските државјани, се наведува во писмо во кое имале увид западни медиуми.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, единствениот лидер на ЕУ кој одржува блиски врски со Кремљ откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во 2022 година, потпиша указ на почетокот на овој месец за продолжување на својата брза визна шема за осум земји , вклучувајќи ги Русија и Белорусија.
Програмата за имиграција им овозможува на граѓаните од овие земји да аплицираат за таканаречените „национални картички“ за да можат да работат во Унгарија. Претходно, тие картички беа достапни само за украинските и српските граѓани.
„Таков механизам е многу сомнителен и предизвикува многу сериозни безбедносни грижи“, напиша Манфред Вебер, претседател на конзервативната Европска народна партија (ЕПП) во писмото испратено до шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Тој тврди дека новите визни правила би можеле да создадат „големи дупки за шпионски активности“, предупредувајќи дека политиката би можела „да им го олесни на Русите да се движат низ“ безграничната Шенген зона на ЕУ.
„Недостигот на јасна потреба за таков широк и нерегулиран механизам за влез на руските и белоруските работници, во комбинација со можноста за несоодветна безбедносна проверка поставува прашања за последиците за Унгарија и пошироката Шенген зона“, додаде Вебер.
Тој го повика Мишел „сериозно да се занимава“ со ова прашање и „да закаже соодветна дебата“ за тоа на следниот состанок на Советот на ЕУ