Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Србија е подготвена да влезе во Европската Унија, потенцирајќи дека нејзиното членство не треба да се условува со односите со Косово.
Тој во интервју за хрватската агенција Хина кажа дека Србија е подготвена „утре да влезе во ЕУ“ и дека без неа како „најголема и најсилна држава“ на Западен Балкан, нема стабилност во регионот.
„Оттуѓувањето на Србија е најлошата можна тактика“, кажа Сијарто.
Честата антизападна и антиевропска реторика на претседателот на Србија – Александар Вучиќ, Сијарто ја објасни со чувството на разочарување поради блокадите од приближување до членството, и покрај исполнетите критериуми.
„Србија е горда нација. Затоа верувам дека пристапот на бирократијата од Брисел треба да се смени кон неа“, кажа унгарскиот министер додавајќи дека пристапот „екс-катедра“ треба да се смени со разговор „очи во очи“.
Шефот на унгарската дипломатија оцени дека врзувањето на членството на Србија во ЕУ за нормализацијата на односите со Косово е неправедно кон Белград бидејќи тоа не зависи само од Србија.
Тој кажа и дека проектот ЕУ не е завршен додека сите земји од Западен Балкан не станат негови членки, бидејќи „на Брисел повеќе му треба регионот отколку што на регионот му треба Брисел“.