Унгарија воведува нови ограничувања за увоз на украински земјоделски производи
Унгарската влада ќе воведе нови ограничувања за увоз на украински земјоделски производи, изјави денеска министерот за земјоделство Иштван Наѓ.
Тој потег треба да ги заштити унгарските земјоделци од флуктуации на пазарот предизвикани од поевтиниот украински увоз, пренесува Бета.
Наѓ соопшти пред новинарите дека одлуката на Европската унија во 2022 година да дозволи увоз без царина од Украина, донесена за да и помогне на украинската економија по руската инвазија, доведе до „прекумерна понуда и значително ниски цени“ на европскиот земјоделски пазар.
Тој ги обвини ЕУ и Европската комисија дека не ги штитат европските земјоделци кои не можат да се натпреваруваат со поевтин увоз и изјави дека Унгарија ќе воведе дополнителна заштита во својата јурисдикција.
„Брисел и Европската комисија ги предадоа унгарските земјоделци и наместо тоа ги поддржуваат украинските олигарси“, рече Наѓ.
Унгарија нема добри односи со соседна Украина и е една од земјите на ЕУ која му дава најмала поддршка на Киев од почетокот на руската инвазија.
Набргу по почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, Унгарија објави дека нема да испорача оружје на Киев или да дозволи негово пренесување преку нејзината источна граница. Будимпешта, исто така, се спротивстави на воведувањето санкции кон Москва и се закани дека ќе ја блокира финансиската помош на ЕУ за Украина.
Наѓ денеска рече дека владата усвоила план од пет точки за да им помогне на унгарските земјоделци, кој вклучува барање продавачите и логистичките компании да ги пријават на унгарската влада производите увезени преку Украина, без оглед на нивната земја на потекло.
Тој додаде дека ограничувањата се однесуваат и на преработените украински житни производи.
Минатата година Унгарија забрани увоз на 24 украински земјоделски производи, но изјави дека ќе дозволи нивно пренесување преку нејзина територија. Забраната се однесуваше на житариците, маслодајните семиња, брашното, маслото за јадење и неколку месни производи. Владата го отстрани украинскиот природен мед од таа листа минатиот месец.