Украинците тврдат: Кадиров е во кома

Лидерот на Чеченската Република Рамзан Кадиров е во кома, соопштија извори од украинската тајна служба (ГРУ). Како што пренесуваат странските и украинските медиуми, претставникот на киевските тајни служби, Андриј Јусов изјавил дека здравствената состојба на шефот на чеченската држава во последните денови значително се влошила.

Како што се наведува, се покажува дека влошувањето на неговата здравствена состојба не е резултат на некаква повреда, туку веројатно веќе постоечки болести.

„Информацијата е потврдена од различни извори во медицинските и политичките кругови. Не се работи за повреди. Останатите детали треба дополнително да се разјаснат. Долго време е болен, зборуваме за системски здравствени проблеми“, рече Јусов.

Здравствената состојба на Кадиров, кој инаку е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, предизвика загриженост и шпекулации, особено ако тој не успее да закрепне. Некои експерти тврдат дека Русија би можела да се обиде да ја одржи стабилноста во регионот со назначување кредибилен наследник, додека други стравуваат дека ситуацијата може да доведе до зголемени тензии и нестабилност.

Во меѓувреме, не се објавени детали за болеста што го доведе чеченскиот лидер во оваа состојба. Треба да се напомене дека оваа вест почна да кружи на социјалните мрежи, додека на Телеграм има поврзани извештаи на руски и чеченски канали.

Во исто време, руската страна официјално не ја потврди состојбата на блискиот сојузник на Путин. Сега останува да се види како ќе се развиваат настаните и какви последици ќе има комата на чеченскиот лидер во регионот и односите со Русија.