Украинските власти навестија контраофанзива, Шолц смета дека Киев треба да постави услови за мир

Руската инвазија на Украина трае 458 дена. Воените дејствија продолжуваат. Четири лица се водат како исчезнати, додека во нападот на Днепар загинаа две лица, а 23 од нив се повредени.

Рускиот претседател Владимир Путин по разговорот со неговиот бразилски колега Лула да Силва изјави дека Москва е подготвена за дипломатско решение на украинската криза.
Истовремено, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека војната во Украина не смее да заврши со замрзнат конфликт.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека има „исклучително негативна“ реакција на извештаите дека Русија напредува со планот за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во четвртокот објави договор со Белорусија, што подоцна го потврди и белорускиот претседател Александар Лукашенко, велејќи дека нуклеарното тактичко оружје веќе се придвижило кон Белорусија, според извештајот на Ројтерс. На почетокот на годината, Москва и Минск се договорија да распоредат тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Силите Вагнер најверојатно почнале да се повлекуваат од некои позиции околу разурнатиот украински град Бахмут и најверојатно ќе се користат за други офанзивни операции во регионот на Донбас, според британското разузнавање.

Украина е подготвена да ја започне својата долгоочекувана контраофанзива против руските сили, изјави еден од највисоките безбедносни функционери во земјата за Би-Би-Си. Алексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, не сакаше да го потврди датумот, но рече дека нападот за преземање на територијата од окупационите сили на претседателот Владимир Путин би можел да започне „утре, задутре. или за една недела“, според Би-Би-Си.

Тој предупреди дека украинската влада „нема право да направи грешка“ во врска со одлуката бидејќи ова е „историска шанса“ што не смееме да ја изгубиме.“ Како секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Данилов е член на Воениот кабинет на претседателот Володимир Зеленски.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и специјалниот пратеник на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи денеска изразија подготвеност за дополнително зајакнување на надворешнополитичката соработка меѓу Москва и Пекинг, соопшти руското Министерство за надворешни работи (МНР).

Се нагласува дека двете страни секогаш се фокусирани на одржување на мирот и стабилноста во регионот и светот во целина, пренесе ТАСС.

Полска планира дополнително да ја затвори својата источна граница за товарни возила регистрирани во Белорусија и Русија, се вели во нацрт-уредбата објавена вчера од Министерството за внатрешни работи.

Овој потег уследи откако белорускиот суд ја потврди претходната одлука за осуда на новинар со полско потекло на осум години затвор, што предизвика тензии меѓу двете земји кои и онака беа високи, пред се поради руската инвазија на Украина, објави Ројтерс.