Украинската православна црква – Московска патријаршија (УПЦ-МП) вчера прогласи целосна независност од духовното водство во Русија, поради руската инвазија врз Украина.
Во Украина има неколку цркви на православни христијани, во кои спаѓаат и УПЦ-МП и Православна црква на Украина.
УПЦ-МП досега беше подредена на поглаварот на Руската православна црква – патријархот Кирил кој, пак, е поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин и ги поддржува руските воени операции.
„Се спротиставуваме на позицијата на Московскиот патријарх Кирил за војната“ – соопштија од Украинската православна црква – Московска патријаршија по одржаниот собор посветен на руската агресија.
Соборот ја осудил „војната како повреда на божјата заповед ‘Не убивај’ и изразил сочувство до сите кои страдаат од неа.
Соборот апелира до Украина и до Русија да го продолжат процесот на преговори и да најдат начин за прекин на крвопролевањата.
Од Руската православна црква тврдат дека досега не добиле никакво официјално соопштение од УПЦ, за која сметаат дека се наоѓа во „многу тешка ситуација и е ставена под притисок од повеќе правци: од власта, од интриганти, од националистички насочени луѓе и од медиумите“.
Украинската црква преку 300 години беше поврзана со Патријаршијата во Москва.