„Војната во Украина не може да се прелее во БиХ и соседството, а Хрватска е пример за паметна енергетска политика“. Ова го изјави денеска американскиот специјален пратеник за Западен Балкан – Габриел Ескобар.
Тој смета дека украинската криза не може да се префрли во хрватското соседство, бидејќи таа доведе до враќање на европскиот фокус на решавање на кризата во своето опкружување, пренесува „Хина“.
„Војната во Украина, исто така, ги наведе земјите-кандидати за членство во Европската унија „проактивно да покажат солидарност“ со западните вредности“ – рече Ескобар, наведувајќи го фактот дека Србија ја осуди руската инвазија при гласањето на Генералното собрание на Обединетите нации на почетокот на март.
Тој истакна дека Србија не е најтешката тема за која разговара со другите соседни земји, бидејќи таа „титула“ и припаѓа на БиХ.
Ескобар оцени дека БиХ, за која тој во јавните настапи повторува дека не ја мачи етничка криза туку корупција, е најголемиот предизвик на Западен Балкан и земја каде што „западните ветувања најмалку се исполнети“.