Киевските власти почнаа да планираат евакуација на три милиони жители на градот доколку главниот град на Украина претрпи целосно затемнување, пишува „Њујорк Тајмс“.
„Ако нема струја, нема да има вода и канализација. Затоа владата и градската администрација ги преземаат сите можни мерки за да го заштитат нашиот систем за снабдување со електрична енергија“, рече Роман Ткачук, директор за безбедност на општинската влада во Киев.
„Киев се соочува со можни прекини на струја и прекини во водоводните и топлинските мрежи предизвикани од руските удари“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко за украинската државна телевизија. Жителите на главниот град треба да подготват залихи и да размислат за привремено иселување, изјави синоќа Кличко.
Тој го опиша тоа како најлошото можно сценарио.