Украина соопшти дека нејзините сили навлегле подлабоко на исток во територијата што неодамна ја напуштиле Русите, отворајќи го патот за потенцијален напад врз окупациските сили на Москва во регионот на Донбас.
– Окупаторите очигледно се во паника, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното телевизиско обраќање, додавајќи дека сега е фокусиран на „брзината“ во ослободените области, „брзината со која се движат војниците, брзината со која се обновува нормалниот живот“.
Украинскиот лидер, исто така, посочи дека ќе го искористи утрешното видео обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации за да ги повика земјите-членки да ја забрзаат испораката на оружје и помош.
– Правиме се за да обезбедиме задоволување на потребите на Украина на сите нивоа – одбранбено, финансиско, економско, дипломатско, рече Зеленски.
Украинските вооружени сили воспоставија целосна контрола над селото Билохоривка и се подготвуваат да ја преземат целата провинција Луганск од руските окупатори, изјави гувернерот на провинцијата Сергеј Хајдај. Тоа село е на само 10 километри западно од градот Лисичанск, кој во јули падна во рацете на Русите по неколкунеделни секојдневни борби.
– Ќе има борба за секој сантиметар. Непријателот подготвува одбрана. Затоа ние нема едноставно да навлеземе, напиша Хајдај на Телеграм.
Луганск и соседната провинција Доњецк го сочинуваат индустријализираниот источен регион Донбас, кој Москва има намера да го заземе како примарна цел на, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина. Украинските трупи почнаа да се пробиваат во Луганск откако ги потиснаа руските сили од североисточната провинција Харков во контраофанзива овој месец.