Украина денеска го прославува својот национален празник – Денот на независноста, шест месеци од почетокот на руската инвазија врз земјата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова е важен ден за Украинците и за нивниот непријател. Шефот на украинската држава ја предупреди јавноста да ги почитува безбедносните мерки и да не го нарушува полицискиот час со оглед на можноста од руски удари.
Тој додаде дека има намера на денешниот Ден на независноста, кога Украина ја одбележува 31-годишнината од нејзиното одвојување од Советскиот Сојуз, да им оддаде почит на Украинците кои придонеле за силата на својата татковина.
„Планиравме многу настани – нешто за да го истакнеме патот што го поминавме. По кој патувавме заедно – Украинците во Украина, на сите наши територии – и слободни и привремено окупирани, бидејќи нашиот народ се бори насекаде“ – рече синоќа Зеленски.
САД, исто така, предупредија пред празникот дека Русија може да ја искористи годишнината за да изврши жестоки напади врз украинската цивилна инфраструктура и владините објекти. Вашингтон ги повика своите граѓани кои се уште се во Украина да ja напуштат таа држава.
Заменик-постојаниот претставник на САД во ОН Ричард Милс вчера упати конкретно предупредување до Русија во Советот за безбедност на ОН дека „се приближува денот на независноста на Украина, а светот гледа“.