Премиерот на Украина – Денис Шмихал во обраќањето до Парламентарното Собрание на Советот на Европа, го повика Советот на Европа „итно да ја исклучи“ Русија од оваа паневропска организација, специјализирана за човековите права.
„Правото на живот е едно од главните основни права – и денес, во центарот на Европа, ова право се прекршува секоја минута и секоја секунда“ – нагласи тој.
„Мораме да имаме цврст одговор. Оние кои ја извршија оваа неиспровоцирана и неоправдана агресија не можат да останат во ова европско семејство – каде човечкиот живот се смета за највисока вредност“ – додаде украинскиот премиер.
„Украина гори. Мораме да ги здружиме силите не само за да ја одбраниме Украина, туку и да ја одбраниме цела Европа денес. Мора да ја запреме агресијата, да избегнеме нуклеарна катастрофа, да спречиме цела Европа да се запали. Денес Русија вели дека нема војна – дека никој не објавил војна, дека ова е само „специјална воена операција“. Но, можам да ви кажам дека Русија и претседателот Путин започнаа војна од целосен размер во централна Европа, војна која може да се претвори во трета светска војна“ порача Шмихал .
Премиерот на Украина, исто така, искрено им се заблагодари на соседните земји на Украина за нивната поддршка и солидарност.