Укинат притворот за сите во случајот „М-НАВ“

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, денеска доставил предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за 6 лица осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст. 2 вв со чл. 22, а поврзани со случувањата од 4 – ти јануари во М-НАВ, и определување на мерки за претпазливост, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.

– Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А.О., Р.Б. и Љ.Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, додека за С.Ш., О.А. и Е.С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т.1,2.3 и 6 односно, Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица – се појаснува во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Против овие решенија, се наведува во соопштението, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.