Узунов: Инфлацијата ја стабилизираа претходните мерки и Народната банка, а не новата Влада
– Соодветната монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи, како и временото замрзнување на цените на храната кај нас придонесоа за намалување на инфлацијата, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Тој додава дека изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека во изминатите два месеци е зауздана инфлацијата се политички и популистички.
-Точно е дека сме пазарна економија, но трговците секогаш се стремат да ги покачат цените, за да можат да остварат поголеми профити. Во тие услови најчесто има интервенции од Владите за да се намалат маржите, но со контролиран мерки, а не со апели бидејќи знаеме дека во земјава апелите и не помагаат многу, појаснува тој.
Узунов додава дека зголемувањето на пензиите во мал дел може да придонесе за покачување на инфлацијата, но позагрижувачки е трендот на стагнација на платите, бидејќи придонесите се тие што го полнат Пензискиот фонд.
– Она што е важно е да се има континуитет и на плати и на пензии, уреден со закон, а не отстапувања како што е линеарното зголемување на пензиите како популистичка мерка. Претходната влада барем започна да создава некаков ред кој се однесуваше на колективните договори за раст на платите и усогласувања на пензиите согласно трошоците за живот, но сега гледаме дека се отстапува од овие правила, а тоа е лошо за една економија бидејќи создава неизвесност, вели Узунов.
Тој додава дека треба да има ред, а не хаос, а она што е политичко ветување да се преточи во законска одлука и да се прекине со политичка недисциплина и селективно (не)почитување на законите на која и да било претходна влада особено ако донесла добри одлуки, туку да се продолжи со развојни цели во континуитет.
Додека кај нас се води дебата дали требаат мерки или не, дел од земјите во Регионот, како Црна Гора и Србија веќе воведоа мерки за намалување на цените, Мицкоски пак рече дека засега Владата не планира да интервенира, но испрати само апел до трговците да ги намалат маржите.
Сега граѓаните останува да чекаат да профункционира новиот закон за забрана на нефер трговски практики беше донесен кон крајот на март годинава и содржи околу 26 нефер трговски практики. На компаниите им беше оставен период од шест месеци да се приспособат.
За непочитување на законските одредби, засега се предвидени глоби до 20.000 евра, а рабатот за околу 2.500 производи е ограничен на 10 отсто.
Трговците имаат можност да достават забелешки на Предлог-листата најдоцна до 25 октомври годинава.