Убил три лица во болница во САД, па се самоубил

Нова престрелка со смртни последици во САД, поточно во болница во градот Тулса, во сојузната држава Оклахома.

Според информациите од американските медиуми, напаѓач убил тројца во една од болниците, по што си го одзел животот.

„Можеме да потврдиме дека четири лица се мртви, меѓу кои и напаѓачот, во пукотница во болницата Свети Францис“ – објави локалната полиција на Твитер.

Претходно од полицијата соопштија дека во текот на попладневните часови интервенирале кога маж со пушка влегол во зградата на болницата.

„Полицијата во моментов врши увид во сите простории во зградата за да се елиминира можната закана“ се вели во соопштението.

Пукотницата во Оклахома доаѓа само по една седмица откако во училиште во Увалде (Тексас) 18-годишник уби 19 деца и двајца учители.