Убиен e сопругот на украинската вицепремиерка Стефанишина

Во руско гранатирање убиен е сопругот на вицепремиерката на Украина за европски и евроатлантски интеграции – Олха Стефанишина, објави на социјалните мрежи украинската пратеничка – Лесија Василенко.

Богдан Стефанишин беше убиен пред два дена за време на руско гранатирање додека се обидуваше да ги евакуира цивилите од Чернихив, напиша таа.

„Вчера плачев повеќе отколку во сите други 36 дена од војната. Сопругот на мојата колешка Олха Стефанишина беше убиен. Тој загина како херој, обидувајќи се да евакуира цивили од Чернихив. Незамислива трагедија” – напиша Василенко на Твитер.

Од почетокот на рускиот напад врз Украина до 31. март загинаа 1.276 цивили, соопшти канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права во Женева (ОХЦР).

Меѓу нив има 260 мажи, 184 жени, 36 момчиња, 18 девојчиња, додека полот на 61 дете и 717 лица се уште не е познат.

Потврдено е и дека досега се ранети 1.981 цивил.