Убиен е европскиот првак во бокс

Еден од најперспективните боксери во Франција, Вилфрид Флорентин е убиен, пренесува L’Equip.

Само што го прослави својот 23-ти роденден, европскиот јуниорски шампион од 2019 година во категоријата до 91 килограм во Софија беше застрелан и почина од повредите во неделата попладне.

Во раните утрински часови во неделата, околу 8:30 часот, полицијата добила дојава за тепачка што се случила пред „Л’Инсоли е“, локал во Боне-сур-Марн.

Кога пристигнала полицијата, пукањето било завршено и пријателите на боксерот го однеле во болница. Што точно се случило ќе покаже истрагата, но се претпоставува дека се работи за тепачка за девојка за која наводно бил заинтересиран убиениот спортист.

Флорентин пред две години не успеа да добие виза за Токио, додека една година подоцна беше суспендиран поради удирање тренер за време на натпреварување на кое беше само гледач.

Тој стана професионалец и ги доби своите три борби помеѓу септември 2022 и април 2023 година.