Уапсен e градоначалник на област во Турција, се врши истрагата за урнатите згради

Турската полиција го уапси градоначалникот на областа Нурдаги како дел од истрагата за урнатите згради во областа погодена од земјотресот, пренесе агенцијата „Анадолија“.

Океш Кавак е градоначалник на областа Нурдаги во Газиантеп, еден од најтешко погодените региони во разорните земјотреси на 6 февруари. Кавак е сопственик и на фирма која е изведувач и чии две згради се уништени во земјотресите.

По катастрофалните земјотреси во Турција се уапсени речиси 200 лица под сомнение за лоша изградба на згради кои се урнаа и во кои загинаа повеќе од 44.000 луѓе, соопшти турското Министерство за правда, пренесе Си-Ен-Ен.

Во соопштението се наведува дека 626 лица се осомничени за непочитување на прописите при изградба. Утврдено е дека некои од осомничените загинале во земјотресот, а полицијата трага по многу други.

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг рече дека доказите за лоша градба се собрани во илјадници згради, а според државната агенција за катастрофи, повеќе од 5.700 објекти се урнати.