
Американската полиција го уапси 57-годишниот Ванс Лутер Болтер, осомничен за убиство на демократската пратеничка од Минесота, Мелиса Хортман, и нејзиниот сопруг Марк, откако два дена се криеше од властите, објави Ројтерс. Гувернерот на Минесота, Тим Волц, изјави дека станува збор за „политички мотивирано убиство“.
Според властите, Болтер ја застрелал Хортман, која беше лидер на демократите во Претставничкиот дом на Минесота, како и нејзиниот сопруг во нивниот дом во саботата, претставувајќи се како полицаец. Обвинетиот бил облечен во униформа и возел возило со ротациони светла слични на полициските.
Во истата вечер Болтер, наводно, ја нападнал и куќата на сенаторот Џон Хофман, исто така член на Демократската партија, и го застрелал него и неговата сопруга Јвет. Хофман, кој бил погоден со девет куршуми, успешно ја завршил последната операција и закрепнува, потврди гувернерот Волц.
„По две ноќи без сон и голема мобилизација, полицијата го уапси Ванс Болтер. Постапките на еден човек го потресоа целиот систем на Минесота. Не смее насилството да стане нормална појава во политиката“, рече Волц.
Болтер има поврзаност со евангелистички организации и претходно се претставувал како експерт за безбедност со искуство во Појасот Газа и Африка, покажуваат јавно достапни записи.
Против него се поднесени обвиненија за две убиства од втор степен и две обиди за убиство, што носат затворски казни до 40 години. Во неговото возило полицијата пронашла три автоматски пушки АК-47, еден пиштол од 9 мм, и список со имиња и адреси на други јавни функционери.
Најголемата потера во историјата на Минесота заврши со негово апсење во близина на неговиот дом во градот Грин Ајл. Над 20 специјални полициски тимови, заедно со хеликоптери и авиони, биле вклучени во операцијата. Според полициски извештаи, Болтер бил вооружен, но се предал без отпор.
„Осомничениот сам се приближи до тимовите и беше уапсен без употреба на сила“, изјави потполковникот Џереми Гејгер од Државната патрола на Минесота.
Шефот на полицијата во Бруклин Парк, Марк Брули, изјави дека фокусот сега се пренесува кон расветлување на мотивите. „Ова убиство е дел од сѐ почестата појава на политичко насилство во САД“, рече тој, потсетувајќи на напади врз други политичари – меѓу нив нападот врз сопругот на Ненси Пелоси во 2022 година, обидот за атентат врз Доналд Трамп, и неодамнешниот пожар во домот на гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро.
Извор: Мета