Уапсен е педофил во Франција- телото на Лоана (10) е пронајдено во подрум на неговата зграда

Мажот кој бил уапсен во средата во Седан, Франција, во рамките на истрагата за силување и убиство на малата Лоана (10), е обвинет за силување и убиство на малолетничка помлада од 15 години и е во притвор.

Осомничениот Жан Батист М.(57) бил уапсен во средата вечерта откако телото на девојчето било пронајдено во подрумските простории на зградата каде што живеело. Таа била пријавена за исчезната 24 часа претходно, по што била започната потрага.

Според јавниот обвинител, девојчето било „ударено неколку пати во лицето“ и тие удари довеле до смрт.

Телото на Лоана е откриено завиткано во чаршафи во подрумот на зграда во центарот на градот, која се состои од напуштен бар и стан на првиот кат, чиј единствен жител бил осомничениот.

„Имаше крв во кафеаната, имаше многу крв во подрумот, како и во станот на чаршафите“, рече обвинителот.

Осомничениот не го признал убиството, туку зборувал за несреќа.

Имено, тој рекол дека „девојчето паднало по скали“. Не знаејќи што да прави со телото, го завиткал во чаршаф и го ставил во подрумот.

Сепак, осомничениот признал дека го силувал девојчето.

Le Parisien пишува дека осомничениот бил познат по сообраќајни прекршоци и во 2017 година бил осуден на условна затворска казна од еден месец за групна кражба.

Според обвинителот, овој алкохоличар бил разведен и татко на шест деца.

Девојчето го познавало, а изгледа и претходно била во неговиот стан, рекол тој и додал дека и таткото на девојчето знаел кој е тој.

Истрагата продолжува, додека градот е во шок по силувањето и убиството на девојчето.