Уапсен е анестезиолог од тетовската болница – снимал пациентки и ги објавувал на ТикТок

На социјалните мрежи се појави видео снимено наводно од лице вработено како анестезиолог на гинеколошкото одделение во тетовската болница, како во живо на ТикТок ги снима пациентките и вработените во една од салите за гинекологија во болницата во Тетово, објави тв21.

Телевизијата го верификувала видеото и добила потврда дека е снимено во тетовската гинекологија, а лицето што го направило видеото е ангажирано на одделението каде се прекинува бременост.

По објавата, анестезиологот, како што објави телевизијата, бил приведен. а вчера вечерта се огласи и директорот на болницата Пелумб Вела, кој го пријави овој случај во полиција.

Тој од пред СВР Тетово истакна дека го осудува овој случај и дека очекува органите на прогонот што побрзо да го решат овој случај.

„Јас како директор сега сум во СВР Тетово да го презентирам случајот и во најбрз можен рок ќе го решиме ова прашање со органите на прогонот. Овој настан за нас не е разбирлив и го осудуваме секое непрофесионално однесување на медицинскиот персонал кон пациентите“, рече Вела.