Рафаел Каро Кинтеро (69) – мексикански нарко бос, кој се наоѓа на листата на најбарани во САД, е уапсен вчера во Мексико, соопшти Министерството за воена морнарица. Кинтеро е уапсен во северната држава Чивава, додаваат мексиканските медиуми.
Тој беше на списокот од десет бегалци барани од ФБИ за киднапирање, тортура и убиство на специјалниот агент на американската Агенција за борба против дрогата (ДЕА) во Мексико, „Кики“ Камарена, во 1985 година, наведува ФБИ.
Вашингтон понуди 20 милиони долари за негово апсење. Мексиканецот е еден од основачите на првиот голем нарко картел во Гвадалахара во доцните 70-ти.
„Тој го задржа влијанието во картелот Синалоа и во организацијата за трговија со дрога Каро-Квинтер“ – додава ФБИ.
За првпат беше уапсен во 1985 година и осуден на 40 години затвор во Мексико.
Поради формално правно прашање, тој беше ослободен во 2013 година. Набргу потоа, мексиканското правосудство повторно побара негово апсење.