Туск: Полска нема да штеди напори за зајакнување на границата со Белорусија и Русија
Полскиот премиер Доналд Туск изјави денеска, на границата со Белорусија, дека започнало зајакнувањето и утврдувањето на полската граница, за што неговата земја нема да штеди пари, како и дека самата Унија ќе мора да инвестира во безбедноста на таа источна граница со Европската Унија.
„Нема сомнеж за се поагресивните намери на Белорусија кон Полска. Преземаме чекори за зајакнување на границата поради зголемениот притисок од режимот на Александар Лукашенко и зголемените закани од војната поради руската агресија во Украина. Започнавме интензивна работа на утврдување на целата граница на Полска на исток“, изјави денеска Туск во пограничниот град Каракула.
Претходно оваа недела, полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш рече дека земјата треба да има план за изградба на систем на ровови и бункери на источната граница, исто како Украина, „покрај оградата што ја штити“.
Полскиот премиер по разговорот со командантите на граничната стража, армијата и полицијата на границата со Белорусија, рече дека Европа ќе мора да инвестира во својата надворешна граница во Полска бидејќи тоа е и инвестиција во европската безбедност.
„Нема ограничување на средствата кога станува збор за безбедноста на Полска. Како што рековме дека нема да штедиме на оружјето и опремата на армијата, сакам да кажам и дека нема да штедиме на обезбедувањето на границата, не само кога станува збор за инфраструктурата, туку и за опремата за секој војник“, рече Туск.
Полскиот премиер предупреди дека се засилува притисокот на илегалната миграција од Белорусија, која како дел од хибридната војна против Полска ја организира режимот на соседна Белорусија.
„Се зголемуваат обидите за илегално преминување на границата, како што очекувавме“, рече Туск.