Турција нема да дозволи Шведска и Финска да влезат во НАТО

Претседателот на Турција – Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да дозволи Шведска и Финска да влезат во НАТО. Тој рече дека шведската и финската делегација не мора ни да доаѓаат во Турција за да се обидат да ја убедат Анкара да го поддржи нивното барање.

„Турција не може да каже „да“ за членството на Финска и Шведска во НАТО, без навреда, тоа е невозможно. Како да им веруваме? Шведска е плодна почва за терористички организации“ вели Ердоган.

Од друга страна пак шведската премиерка Магдалена Андерсон претходно изјави дека нејзината земја ќе поднесе барање за членство во НАТО.

„Владата одлучи да го информира НАТО за волјата на Шведска да стане членка на Алијансата. Напуштаме една ера за да влеземе во нова“ – рече Андерсон, еден ден по објавувањето на кандидатурата на Финска.

Ердоган уште во петокот рече дека Турција нема позитивно мислење за можното членство на Финска и Шведска во НАТО.

Турција традиционално ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО за натамошно проширување. Сепак, Анкара задржа неутрална позиција во украинската криза и ја презеде улогата на посредник одржувајќи канали за комуникација со двете завојувани страни.