Турција нема да води билатерални преговори со Грција

Реџеп Тајип Ердоган – претседателот на Турција денеска најави дека Анкара повеќе нема да води билатерални разговори со Атина.

„Го раскинавме договорот за одржување на состанок на високо ниво со Стратешкиот совет со Грција. Зарем не учите од историјата? Не обидувајте се да танцувате со Турција, инаку ќе се изморите и ќе останете на пат. Повеќе нема да водиме билатерални разговори со нив“ – рече Ердоган.

Вчера турскиот министер за надворешни работи – Мевлут Чавушоглу ја обвини Грција за кршење на статусот на демилитаризација на островите во Егејското Море. Според него, „Грција го нарушила статусот на островите, тие мора да се демилитаризираат, во спротивно на дневен ред ќе биде прашањето за сопственоста на островите“.

Министерот за надворешни работи на Грција – Никос Дендиас во јануари изјави дека „Турција распореди најголема десантна сила и најголема десантна флота во Медитеранот против грчките острови“. Тој нагласи дека Грција предлага Турција да го почитува меѓународното право и да се откаже од заканата од војна.