
Турција: Имамоглу од затвор рече: „Ќе го победам Ердоган на изборите“
Поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е главен противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од затвор рече дека ќе се кандидира за претседател и дека верува дека има поддршка од народот за да го прекине 25-годишното владеење на Ердоган.
Поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е главен противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од затвор рече дека ќе се кандидира за претседател и дека верува дека има поддршка од народот за да го прекине 25-годишното владеење на Ердоган.
Во писмен одговор на прашањата на бриселскиот портал Политико, испратен преку неговите адвокати и советници, Имамоглу го опиша своето апсење минатиот март како „стратегија на политичка опсада“ и нагласи дека тој е сè уште легитимен кандидат кој може да го победи Ердоган на слободни избори.
Тој беше уапсен како дел од обемна истрага и обвинет за корупција, изнуда, поткуп, перење пари и шпионажа.
Тој се соочува со потенцијална затворска казна од повеќе од 2.300 години. Иако е во затвор, Имамоглу го продолжува својот политички ангажман преку социјалните мрежи и партиските платформи. Над 15 милиони Турци гласаа во прелиминарната изборна постапка на партијата за да го потврдат како кандидат на Републиканската народна партија (ЦХП).
Имамоглу тврди дека притворот не може да го спречи ширењето на поддршката што ја има и дека кампањата може успешно да функционира дури и без негово физичко присуство. Експертите предупредуваат дека претседателот на Турција, користејќи ја предноста на статусот на актуелниот носител на функцијата и контролата врз државните институции, може законски да ја блокира кандидатурата на Имамоглу.
Сепак, затворениот лидер нагласува дека заштитата на демократијата, почитувањето на правата и борбата за правда ќе останат во центарот на неговите активности. Имамоглу, исто така, го критикуваше Ердоган за неговата „агресивна“ надворешна политика и блиските врски со поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, наведувајќи дека демократијата во Турција е сè повеќе попречена поради безбедносните и геополитичките приоритети на владата.