Турција денеска ќе поднесе барање до Меѓународниот суд на правдата во Хаг за приклучување кон тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел, најави портпаролот на Министерството за надворешни работи Онју Кеџаели.
Тој додаде дека турскиот амбасадор во Холандија ќе поднесе досие до судот на ОН, пренесува АП.
„Ниту една земја во светот не е над меѓународното право. Случајот пред Меѓународниот суд на правдата е исклучително важен за да се осигура дека злосторствата извршени од Израел нема да останат неказнети“, рече Кеџели на мрежата Х.
Додека ја чека одлуката на судот, Кеџели повика на итно спроведување на мерките на претпазливост претходно наредени од судот, вклучително и запирање на воената офанзива и зголемување на хуманитарната помош за Газа.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвини Израел за геноцид и повика тој да биде казнет пред меѓународните судови и ги критикуваше западните земји за поддршка на Израел.
Во мај, Турција ја прекина трговијата со Израел, наведувајќи го како причина израелскиот напад врз Појасот Газа, а милитантната група Хамас ја нарече ослободително движење.
Кон крајот на минатата година, Јужна Африка поднесе жалба до Меѓународниот суд на правдата, обвинувајќи го Израел за кршење на Конвенцијата за геноцид со своите воени операции во Газа.
Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид и тврди дека војната во Газа била легитимна одбранбена акција против милитантите на Хамас за нападот на 7 октомври, пренесува Танјуг.
Никарагва, Колумбија, Либија, Мексико, Шпанија и Палестина претходно поднеле барање за приклучување кон тужбата на Јужна Африка, а доколку бидат прифатени, овие земји би можеле да поднесат писмени поднесоци и да зборуваат на јавни расправи.
Веќе се одржани прелиминарни рочишта за случајот за геноцид против Израел, но се очекува на судот да му бидат потребни години за да донесе конечна одлука.