Турски суд ослободи од притвор тројца новинари, меѓу кои и фотограф на АФП

Денеска беше донесена и судска одлука за ослободување на уште двајца од шесте други новинари приведени по истото обвинение во понеделникот во Истанбул, кои исто така беа уапсени.

Турски суд одлучи денеска да го ослободи фотографот на новинската агенција АФП, Јасин Акѓул, кој беше уапсен неделава од турските власти под обвинение дека учествувал во забранетиот протест, што како новинар го следеле во Истанбул, објави неговата агенција, повикувајќи се на неговиот адвокат и Турската асоцијација за медиуми и правни истражувања за човекови права (MLSA).

Денеска беше донесена и судска одлука за ослободување на уште двајца од шесте други новинари приведени по истото обвинение во понеделникот во Истанбул, кои исто така беа уапсени. Станува збор за хонорарниот фоторепортер Булент Кулач и репортерката Зејнеп Курај.

Во текот на денешниот ден се очекува тројцата да бидат ослободени од притвор.

Новинарите беа уапсени во раните утрински часови во понеделникот во нивните домови под обвинение за учество во собири забранети од владата што ја зафатија земјата поради апсењето на опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу на 19 март, пренесуваат француските медиуми.

Притворот на новинарите го осудија голем број новинарски организации.