Турскиот парламент синоќа го одобри нацрт-законот со кој ѝ се дозволува на Финска да влезе во НАТО.
Ова му го отвора патот на Хелсинки да се приклучи на западниот одбранбен сојуз додека беснее војна во Украина.
Турскиот парламент беше последниот меѓу 30-те членови на алијансата што го ратификуваше членството на Финска, откако унгарскиот законодавен дом усвои сличен закон претходно оваа недела, пренесува Ројтерс.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган претходно во март рече дека Финска си го обезбедила благословот од Турција откако презела конкретни чекори за одржување на ветувањата за сузбивање на групите што Анкара ги смета за терористи и за ослободување на одбранбениот извоз.
Финска и Шведска побараа да се приклучат во НАТО минатата година, како реакција на руската инвазија на Украина. Но процесот го запреа Турција и Унгарија. Парламентите на сите членки на НАТО мора да ги ратификуваат новодојдените.
„Членството во НАТО ќе ја зајакне безбедноста на Финска и ќе ја подобри стабилноста и безбедноста во регионот на Балтичко Море и Северна Европа“, се вели во соопштението на финската влада по гласањето во турскиот парламент.
Турција сè уште одолжува со одобрувањето на кандидатурата за членство на финскиот сосед Шведска, за која Анкара вели дека не сторила доволно во сузбивањето на луѓето што Турција ги смета за терористи. Трите земји минатата година потпишаа пакт за ова прашање.