„Перцепцијата за правосудството ќе се подобри само во оној момент кога ќе докажеме како држава дека навистина за тешки кривични дела без оглед од која сфера се, дали се работи за кривично дело – економскиот криминал, компјутерскиот итн., ќе има пресуди кои ќе бидат пропорционални на неправото. Во таа насока ги охрабруваме судовите, обвинителствата и сите други институции што правораздаваат да бидат на нивото на задачата во смисла на тоа дека навистина веќе е зрело време во Република Северна Македонија да покажеме и на дело како треба да изгледа подобрувањето или квалитетот на правораздавањето“.
Ова го изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески на 10-тата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија” во рамки на активностите од проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија.
Тој вели дека повеќе меѓународни фактори констатираа дека е ниска довербата во правосудството и тоа, според него, треба да се земе како факт, но и како поттик, мотивација за подобрување на состојбите на тој план.
„Ние како Министерство за правда работиме интензивно не само на законодавната агенда затоа што констатиравме дека не е ништо ново ова што ќе го кажам дека не е проблемот само во квалитетот на законите, туку напротив и во начинот на кој тие се имплементираат. Често знам да кажам дека и најлошиот закон може да биде добар закон ако се применува неселективно. Во таа насока работиме на создавање на оптимални услови за правораздавање и во однос на она што се нарекува ефективно и ефикасно правосудство. Во таа насока говориме околу дигитализацијата на судството и јавното обвинителство од една страна, интероперабилноста или поврзаноста меѓу институциите каде што навистина се олесни процесот на добивање информации, меѓутоа и побрзо ќе се стигне до правдата, односно до вистината“ вели Тупанчески.
За можноста за ветинг во правосудството, тој посочува дека компаративното искуство во соседна Албанија покажа дека тоа не е најдобар рецепт или алгоритам за решавање на состојбите.