Тупанчески: Институциите имаат механизми за испитување на потеклото на имотот

Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека постојат начини и механизми како да се утврди потеклото на имотот. Идејата за нов Закон за потекло на имот никогаш не била најавувана од страна на министрите за правда во изминативе години туку иницијално доаѓала од вицепремиерите за борба против корупцијата.

,,Без оглед на статусот што го имате во општеството, секој треба да се одговара според она што  го направил.Неслучајно го спомнав Кривичниот законик кој  не е само за ЈО и за судот.Има и други институции кои што би требало да ја утврдуваат противправноста на имотот. Улога треба да има и Антикорупциска комисија. Кривичното дело 359а кое се однесува на  противправно стекнување и прибарување имот, предвидува казна затвор од најмалку 5 години затвор“, рече Тупанчески во вечерашната дебата на 24 Анализа во која  гостуваше и членот на ДКСК Владимир Георгиев.

Министерот за правда Никола Тупанчески рече дека она што го кажа претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен на прес конференција влева надеж, оптимизам дека сме на вистинскиот пат.

„Траекторијата по која се движиме во моментов е вистинската патека до која што треба да се стигне. Извештајот за напредокот во нашата држава е компломентарен и содржи повеќе сегнменти. Посебно се апострофирани неколку корпуси на прашања, едниот од нив е правосудниот систем, вториот корпус на прашања се однесува на борбата против корупцијата, третиот корпус е борба против организиран криминал и четвртиот, тероризмот и насилниот екстеремизам. Значи сублимат или заедничка карактеристика на сите овие подрачја што ги спомнав е дека има умерено подобрување“, рече Тупанчески.

Министерот за правда се осврна и на реформите во правосудниот систем кои според него не може да се случат преку ноќ, но сепак се интензивирани и се очекуваат конкретни резултати.Република Северна Македонија се наоѓа на 63 место од 140 држави според „Индексот на владеење на правото“ на вашингтонската невладина организација ,,World Justice Project” што е за едно место подобро рангирана во споредба со минатата година кога бевме на 64 место, потенцира Тупанчески.