Трудовите инспектори изрекле 16 решенија за забрана за работа поради непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран

Државните инспектори за труд вчера и завчера изрекле 16 решенија за забрана за работа за непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран, откако затекнале активности на работници директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот, информираа за државната МИА од Државниот инспекторат за труд (ДИТ).

Во тек на инспекциските надзори спроведени на 12 и 13 август, изречени се и 19 решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран.

Согласно прогласената портокалова фаза и препораките за работа во услови на топлотен бран, државните инспектори за труд вчера извршиле вкупно 139 инспекциски надзори, односно 125 вонредни надзори и 14 контроли и во дејностите каде работниците се изложени на неповолни микроклиматски услови, односно директна изложеност на високи температури на отворено или каде во текот на работењето се изложени на топлинско зрачење.

Притоа на работодавачите им издале 11 решенија со наредба за почитување на препораките, како и седум решенија за забрана за работа за затекнување на активности каде работниците се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот.

Од ДИТ информираа дека завчера се спроведени 145 инспекциски надзори од кои 129 вонредни и 15 контролни надзори кои резултирале со осум решенија со наредба за почитување на препораките и девет решенија за забрана за работа.