Израелските одбранбени сили денеска соопштија дека претходниот ден во Газа биле убиени тројца израелски војници, за време на голема воена операција во Рафа во јужниот појас и Џабалија на север.
Војниците загинале од експлозија во минирана зграда заземена во Рафа, а сите тројца служеле во 50-тиот баталјон на бригадата Нахал, пишува The Times of Israel.
Бројот на загинати војници во копнената офанзива на ИД против цели на Хамас во Газа и во операциите долж границата достигна 291.
Исто така, во истиот инцидент тешко се ранети еден офицер и двајца војници од 50-от баталјон, а друг офицер се здобил со умерени повреди, соопшти армијата.
Израелските тенкови во вторникот за прв пат стигнаа до центарот на Рафа.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денеска соопшти дека повеќе од еден милион луѓе ја напуштиле Рафа откако Израел почна да влегува во градот на 6 мај.
И покрај зголемениот меѓународен притисок, Израел инсистира дека воената операција во Рафа е клучна за целта да се елиминира Хамас и да се ослободат заложниците заробени за време на нападот на палестинската милитантна група на 7 октомври.