
Тројца доктори со потекло од Македонија беа дел од медицинскиот тим што ги транспортираше повредените од трагедијата во Кочани кон болниците во Бугарија. Нивната посветеност и хуманост беа од клучно значење во спасувањето на животите на најтешко повредените во несреќата што ја потресе Македонија, пишува порталот „Рацин“.
Бугарија беше една од првите земји што испрати медицинска помош. Воено-транспортниот авион „Спартан“ и шест амбулантни возила од итната медицинска помош во Софија веднаш беа ангажирани за транспорт на најтешко повредените.
Меѓу медицинските лица што учествуваа во оваа спасувачка мисија беа тројца лекари со потекло од Македонија – д-р Марија Кушевска од Кочани, д-р Татјана Ачова од Штип и д-р Костадинов од Пробиштип.
Д-р Марија Кушевска е една од медицинските лица што беа дел од тимот на брзата помош од Софија. За неа, оваа мисија беше особено емотивна, бидејќи настрадани во пожарот имала блиски роднини и пријатели.
„Ги преземавме пациентите за транспорт, а отпосле дознав дека еден од нив е пријател на мојот брат. А кога летавме со авионот за Софија, сфатив дека во него е и мојот прв братучед“, раскажува Кушевска.
Заедно со неа, во медицинскиот тим што дојде во Македонија за да помогне во спасувањето на животите на повредените беше и д-р Даниел Кировски од Валандово, кој исто така беше дел од екипата што ги транспортираше пациентите до болниците во Бугарија.
Според најновите информации, состојбата на повредените е стабилна. Министерот за здравство Арбер Таравари изјави дека 16 пациенти кои се лекуваат во Македонија наскоро ќе бидат испишани и ќе продолжат со домашно лекување.