Тројца возрасни и пет деца пронајдени мртви во нивниот дом во Јута

Семејство од тројца возрасни и пет деца е пронајдено мртво во куќа во американската сојузна држава Јута, јавува Си-Ен-Ен.

Полицијата дошла да ја провери куќата во Енох Сити и ги нашла телата застрелани. Официјалните лица не кажаа кога се случиле смртните случаи или што довело до пукањето. Тие не прецизираа ниту во каква врска биле членовите на семејството. Истрагата е се уште активна.

„Тешко е да се искажат со зборови емоциите што минуваат низ луѓето што живеат овде“, рече градоначалникот Роб Дотсон.

„Сите го знаеме ова семејство. Многумина од нас служеа со нив во црквата и во заедницата. Ја чувствуваме загубата и болката. Луѓето имаат многу прашања и се тука да понудат поддршка“, додаде Дотсон.

Ќе биде потребно време да се утврди што се случило во куќата. Истражителите од Енох Сити и Сидар Сити работат заедно за да најдат одговори.

„Нашето срце е со сите оние кои се погодени од ова бесмислено насилство. Ве молиме да ја задржите заедницата Енох во вашите молитви“, рече гувернерот на Јута Спенсер Кокс.