Трошановски: Собранието итно да ги донесе изготвените закони од Министерството за правда

Засега не назадуваме, но на добар пат сме да почнеме да доцниме доколку Собранието најитно не почне да работи и да се поднесат законите од страна на Министерството за правда, истакна претседателот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски.

Засега не назадуваме, но на добар пат сме да почнеме да доцниме доколку Собранието најитно не почне да работи и да се поднесат законите од страна на Министерството за правда, истакна претседателот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски, по заедничката панел-дискусија со Институтот за европска политика од Берлин, која беше посветена на предизвиците и можностите за земјите кандидати за членство во Европската унија.

Според Трошановски, тоа особено ќе се одрази врз перформансот од аспект на обврските што државата ги има во реформската агенда и Планот за раст, со што, како што рече, се поврзани многу финансиски средства. Но, пред сѐ, вели, тоа се реформи за нашата држава и нејзината поголема функционалност и демократичност.

– Во прв план често тоа го истакнувам јас и нашиот сектор, но и меѓународната заедница, се игнорира и понатаму Законот за висока раководна служба. Тоа е закон којшто треба да го намали влијанието на политичките партии при именувањето на јавни функционери, значи вработувањата во јавната администрација и контролата врз административците на земјата со што би требало да се обезбеди поквалитетна и попрофесионална услуга, вели Трошановски.

Упати апел за да се донесе тој закон, бидејќи, според Трошановски, порано или подоцна државата мора тоа да го направи.

– Апелирам уште еднаш, тој закон одамна требаше да се донесе, бидејќи иако сме земале обврска, сѐ уште не се става на дневен ред и некако се игнорира. Тешко партиите се откажуваат од нешто што порано или подоцна мора да го направиме, а секако е во интерес на земјата, рече Трошановски.

Во врска со процесот на преговори на земјава со Европската унија, ставот на Трошановски е дека има некакви позадински обиди за процесот да се направи пообјективен, во смисла на тоа да не зависи од билатералните барања со кои ни се врза Преговарачката рамка.

– Тие теми не можеме да ги буткаме преку промена на Преговарачката рамка како што сум кажал во многу наврати, меѓутоа може бидејќи се во интерес на целокупниот процес на проширување, не само на Македонија, да ги лобираме, да се обидеме да ги издејствуваме преку земјите членки и преку Брисел, да станат стандарди на преговарање за останатите земји членки каде што секако има, останати земји кандидати каде има билатерални побарувања од соседните земји, како што е Хрватска за Србија, Унгарија за Украина, рече Трошановски.

Доколку некои од тие стандарди на преговарање, земјава побара да бидат вметнати, Трошановски вели ќе го заштитиме целокупниот процес.

– Доколку некој од тие стандарди на преговарање побараме да бидат вметнати зашто и самите ќе го заштитиме, а и целокупниот процес ќе го заштитиме има реална преговарачка карта и аргумент да настапиме, бидејќи со ништо друго идеално неможеме да настапуваме. И мислам дека во тој дел Владата барем зад официјалните канали се обидува и ние се обидуваме како граѓански сектор да издејствуваме. Дали тоа ќе се случи, дали ќе има некакво поместување, засега е нејасно, вели Трошановски.