Три можни сценарија за иднината на рудникот „Иловица“

Последниот рудник во земјава е отворен пред четириесет години, а оваа важна индустриска гранка учествува едвај со два процента во бруто-домашниот производ на земјата. Во период кога стручната фела од секторот е сѐ погласна за изработка на национална стратегија за рударството, новите инвестиции се соочуваат со низа предизвици, причинети особено поради негативната перцепција што се креира кај дел од јавноста.

Сите очи сега се вперени кон инвестицијата за рудник за бакар во Иловица, на компанијата „Еуромакс ресоурцес“, откако претходно нереализирани останаа најавите за рудник за бакар на Кожув на канадската фирма „Резервоар минералс“, но и рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич. Во однос на рудникот во Иловица пак, по неколкуте пресврти што се случија изминатава година за евентуалната разрешница, се искристализираа три можни сценарија за иднината на инвестицијата.

Сѐ поизвесно изгледа сценариото дека инвеститорот и Владата ќе се судрат во меѓународна арбитража. „Еуромакс ресоурцес“ неодамна испрати писмо до владини претставници, како и до дел од амбасадорите во земјава во кое укажа за правната несигурност со која се соочуваат странските инвестиции во Македонија. Нивната реакција следува откако по позитивно мислење дадено од страна на Министерството за економија за спојување на двете концесии за експлоатација Иловица 6 и Иловица 11, Владата одлучи позитивно на барањето на инвеститорот, но по само еден месец се премисли и ја поништи одлуката усвоена претходно на владина седница. Ваквиот потег предизвика дополнителни негативни реакции кај „Еуромакс ресоурцес“, па последно, во испратеното писмо од компанијата истакнаа дека нема да се двоумат да ја тужат државата.

– Секоја произволна и спротивставена одлука на Владата или на судовите додава дополнителни докази за несоодветниот третман од страна на државните институции и го зајакнува нашиот случај за арбитража. Оваа меѓународна арбитража ќе стане неизбежна реалност доколку Владата и релевантните државни институции продолжат да ги игнорираат и непочитуваат закони и конечните правни одлуки на нејзините домашни судови. Ова не е нашиот претпочитан начин на дејствување, но нема да се двоумиме да ги искористиме нашите права за заштита на инвестицијата и да додадеме уште еден арбитражен случај на постоечките со кои веќе се соочува македонската Влада – посочија од Еуромакс.

Според дел од пишувањата во медиумите, евентуалната отштета која Македонија би ја должела на „Еуромакс ресоурцес“, доколку го загуби спорот, надминува една милијарда евра.

Втората опција, која е малку веројатна, е инвеститорот да реши да чека „подобри времиња“. „Еуромакс ресоурцес“ често пати ја бараше правдата во домашните судови, но и покрај позитивните пресуди добиени во Управниот и Вишиот управен суд, не стигна до посакуваната одлука, која на крајот на денот зависи и од политиката. Под притисок на јавноста, политичките елити во голема мера размислуваа за своите рејтинзи. Протестите кои беа организирани, а за кои се пишуваше дека имаат сомнителна позадина, беа искористени како повод за меѓупартиски препукувања и начин да се придобијат гласачи.

Дел од домашните експерти истакнаа дека изградбата на рудниците е прашање на иднината од кое зависи и економската стабилност на државата. Металуршкиот инженер Виктор Грозданов неодамна истакна дека оваа тема не треба да се политизира, а државата не смее никого да дискриминира или да ограничува при повикувањето на државните регулативи за инвестиции.

– Изградбата на нови рударски капацитети во Македонија е прашање на иднината кое надминува еден политички мандат на Собрание, Влада, Претседател на Републиката, градоначалници и локални совети. Ова прашање не смее да се става во контекст на дневно политичка агенда и предизборни калкулации. Едноставно, долгорочната економска стабилност на нашата татковина зависи од правецот кој ќе го фатиме токму по прашањето на индустријализацијата – потенцира Грозданов.

Третото сценарио е пред да биде покрената сѐ поизвесната меѓународна арбитража, Владата да се врати на првичната одлука со која овозможува спојување на двете концесии во Иловица. Со тоа, компанијата ќе добие конечен одговор на барањето за спојување што го поднела уште пред осум години. Воедно, тоа означува и зелено светло за изградбата на рудникот за бакар. Според инвеститорот, уште со почетокот на изградбата на рудникот корист ќе имаат и државниот и општинските буџети, но пред сѐ локалното население кое ќе има предност при вработувањето во компанијата. Од „Еуромакс ресоурцес“ истакнаа дека инвестицијата изнесува 350 милиони евра само во првите две години од неговата изградба. Рудникот би овозможил да се генерираат приближно 1.000 директни работни места во фазата на изградба и 500 директни работни места во текот на работењето, како и дополнителни 2.000 индиректни работни места. Според проекциите на инвеститорот, годишен прилив од околу 75 милиони евра би имале локалните домашни компании.

Од компанијата исто така одговорија на дел од обвинувањата кои кон нив беа упатувани на протестите. Преку писмо упатено до Министерството за животна средина, од декември минатата година, од „Еуромакс ресоурцес“ нагласија дека во процесот на експлоатација на минералните суровини во рудникот нема да се користи цијанид, ниту било каква цијанидна супстанција. Компанијата се заложи да инвестира во најсовремени технологии кои овозможуваат управување со отпадот според методологијата за „суво јаловиште“, односно јаловината би била со слична текстура на обичната почва, како и планови за инвестирање во нов водоводен систем за локалните села и населението. Со ова инвеститорот целеше да ги ублажи стравувањата околу спроведувањето на проектот, изразувајќи уверување дека планот за отворање на рудникот не само што ќе придонесе позитивно за економскиот раст, туку и ќе придонесе за усогласање со целите на еколошките активисти кои се залагаат за транзиција кон зелена енергија.