
Сопственикот на порталот „Доказ“ Марјан Стаменковски е осуден на затворска казна од три години и еден месец, пишува „Фокус“.
Според информациите, изречена му е и забрана за вршење на професија и регистрација на портал и домејн во рок од 10 години.
Кривичниот суд го осуди за четири дела, на по една година, за уцена, пиратерија на аудивизуелно дело, злоупотреба на лични податоци, ширење расистички и ксенофобичен материјал или на единствена казна од три години и еден месец.
Судскиот процес се одвиваше зад затворени врати за да се заштити приватноста на оштетените.
Како оштетени се јавуваат новинарки, свештени лица, истражители, една телевизија и уште едно лице.
Судијка во овој предмет е Марија Клетничка-Марковска.
Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.