
Три години затвор за гинекологот кој на Јилдиз Веапоска и извади матка, јајник и бубрег
Гинекологот Мухамед Асани кој на Јалдиз Веапоска со царски рез и извади матка, јајник и бубрег, денеска е осуден на три години затвор и доби пет години забрана за вршење дејност, а одземена му е и лиценцата од Лекарска комора.
Гинекологот Мухамед Асани кој на Јалдиз Веапоска со царски рез и извади матка, јајник и бубрег, денеска е осуден на три години затвор и доби пет години забрана за вршење дејност, а одземена му е и лиценцата од Лекарска комора.
Останатите двајца обвинети лекари, неговиот син Блертон Асани и гинекологот Лилјана Јовановска, се ослободени од обвинението.
– Судот обвинетиот Мухамед Асани го прогласува за виновен, и му изрекува ефективна казна затвор во траење од три години, која што е максимална предвидена за ова кривично дело, а по издржување на казната затвор му изрекува споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од пет години, кажа судечкиот судија Јордан Јованов при изрекувањето на пресудата.
Пропустите кои повлекуваат одговорност, според судот, се посочуваат кај првообвинетиот, докторот Асани, во постоперативното следење. Според судот, обвинетиот Асани и покрај влошената здравствена состојба на родилката, после царскиот рез не направил дијагностика и ехо за настанатото крварење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно и биле извадени три здрави органи.
– Вештото лице појасни дека постоперативното следење требало да биде направено уште во стартот, а во текот на четирите постоперативни денови не биле преземени дејствија на дијагностика со кои што навремено би се открило од каде е изворот на крварењето за кое што подоцна се дознало дури пред свршен чин, на 31 август 2020 година кога била изведена операцијата, рече Јованов, забележувајќи дека лекарот требало да намалувањето на крвните вредности алармирале за натамошни испитувања и методи кои не биле преземени.
Ова се случи во 2020 година во Општата болница во Струга, кога Веапоска наместо рутинска интервенција, заврши со тешки, живото загрозувачки компликации.
Таа најави дека ќе се жали на висината на казната.