Коалицијата која е на власт во Бугарија собира пратеници за да обезбеди апсолутно мнозинство од 121 пратеник (вкупно има 240 пратеници в Народното собрание) откако „Има таков народ“ (ИТН) одлучи да ја напушти Владата.
По излегувањето на ИТН, три партии остануваат во владејачката коалиција (Продолжуваме со промените, Бугарсаката социјалистичка партија – БСП и Демократска Бугарија). Заедно имаат 109 пратеници, им недостасуваат уште 12.
Дел од бугарските медиуми објавија дека дел од пратеници од ИТН веќе одлучиле да излезат од пратеничката група при што лицитираа со бројки од најмалку седум-осум пратеници.
Без да објави конкретни бројки или имиња, лидерот на ИТН – Слави Трифонов на Фејсбук потврди дека дел од неговите пратеници ќе го напуштат и обвини дека тие се купени.
„Штотуку добив информација дека пратеници од ИТН ќе ја напуштат нашата пратеничка група и ќе ги поддржат Кирил Петков и Асен Василев. Најверојатно се купени со пари и функции. Ќе се види кој што ќе стане. Не мора да бидам гатачка за да знам дека ќе кажат многу лаги и измислици во стилот на Кирил и Асен само за да ги оправдаат своите постапки и да ја смират грижата на својата совест. Но, предавството е предавство и никој не ги сака предавниците. Дури и оние што имаат корист од нив“ – напиша Трифонов на Фејсбук.