Олово, кадмиум и арсен, тешки метали штетни за човековото здравје се пронајдени во домат и крставица покажуваат новите извештаи на анализа направени од Државната фитосанитарна лабораторија. Во извештаите кои стигнаа до мене се за анализа на определување на макро и микро елементи и елементи во трага, во кои е детектирано присуство на тешки метали во домат и крставица. Во денешниве извештаи кои ги презентирам се официјални документи архивирани и потпишани од ДФЛ односно од МЗШВ во кои се констатира присуство на олово, кадмиум и арсен, рече денеска на прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тој тврди дека „ситуацијата е загрижувачка и алармантна. Апелирам за внимателност од страна на граѓаните, бидејќи истите производи најверојатно веќе се пуштени во промет низ цела територија на државата, што значи дека веќе граѓаните ги консумираат“.
„Бабовски и Николовски го трујат сопствениот народ. Овие метали пронајдени во доматот и крставицата можат да се акумулираат во телото со текот на времето и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Јавно му порачувам на Николовски и Бабовски кој деновите откако јавно обелоденив за овој скандал им испратил дописи на вработените во АХВ со кој им забранува изнесување на информации кои се од јавен интерес, дека времето за закани и уцени завршува. Бабовски и Николовски мора да понесат одговорност. За почеток, нека си поднесат неотповикливи оставки“ вели Трипуновски.